Нафтата поевтини на светските пазари, но во Македонија поскапувањето останува барем до понеделник
10/03/2026 9:37
Цените на нафтата на светските пазари денеска забележаа значителен пад, откако претходно достигнаа највисоки нивоа во последните години поради тензиите на Блискиот Исток.
Според последните податоци, цената на нафтата од типот „брент“ падна на околу 92–95 долари за барел, откако претходно се искачи речиси до 120 долари. Падот на цените доаѓа по сигналите дека конфликтот во регионот би можел да се деескалира, што ги намали стравувањата од нарушување на глобалното снабдување со енергенси.

Само ден претходно, цените силно пораснаа поради стравувањата од прекин на транспортот на нафта низ Ормускиот теснец – една од најважните рути за светската трговија со нафта.
Сепак, и покрај падот на цената на нафтата на глобалните пазари, во Македонија граѓаните се соочуваат со драстично поскапување на горивата, кое ќе важи најмалку до понеделник.
Причината за ова, според експертите, е промената на правилникот на Регулаторната комисија за енергетика, со која цените на горивата отсега ќе се формулираат еднаш неделно, наместо секојдневно како што беше досега.
Овој модел значи дека цените на бензините и дизелот ќе реагираат побавно на падовите на светските берзи, особено во периоди на силни геополитички турбуленции.
Аналитичарите посочуваат дека токму во вакви чувствителни периоди на енергетските пазари, кога цените се менуваат од ден на ден, неделното пресметување може да доведе до ситуации во кои горивата локално поскапуваат и покрај падот на светските цени.
Пазарот на енергенси и понатаму останува исклучително чувствителен на геополитичките случувања, па цените на нафтата и горивата можат брзо да се менуваат во зависност од развојот на ситуацијата на Блискиот Исток.






