MKinformer

your daily dose of news

Промовирана монографијата за Голи Оток од Проф. др. В. Ачковска

08/04/2026 8:50

„Време на прекршувања – време на Голи Оток“ – промовирана монографија за табу-темата на македонската историографија

Проф. д-р Виолета Ачкоска пред скопската публика го претстави своето дело за системот на Голи Оток, разоткривајќи ја вистината за идеолошко-политичките прекршувања по Резолуцијата на Информбирото (1948–1956).

Сведоштво за поделбите што го разоруваа општеството

Во Салонот 19,19 во КИЦ, пред бројна публика и почитувачи на вистинскиот пишан збор, промовирана е најновата книга од историско значење на проф. д-р Виолета Ачкоска „Време на прекршувања – време на Голи Оток“.

Во предговорот, авторката пишува дека монографијата го отсликува специфичното време на идеолошко-политички прекршувања на општествен план, но и на личните прекршувања на луѓето кои не можеле да се снајдат во силните пресврти што се случувале во рамките на нападот на Информбирото врз Комунистичката партија на Југославија.

„Идеолошко-политичките поделби и засеци биле многу остри и проектирани низ црно-бели толкувања, кои често се граничеле со речникот на вулгаризација, за да се оцрни спротивната страна. Ако си за Сталин, ти си против Тито и обратно“ запишала Ачкоска.

Духовното понижување и физичкото иживување низ таканареченото „општествено превоспитување“ на оние кои не биле „со нас“ (значи се „против нас“), симболично може да се изрази низ поимот „системот Голи Оток“, една од наголемите табу-теми на македонската историографија сè до падот на Берлинскиот зид.

 

Жени на Голи Оток и улогата на Тито

Модераторот Богдан Илиевски поставуваше прашања до авторката, меѓу кои и: „Дали на Голи Оток имало и жени?“ и „Кој е креаторот на овој проект?“

Ачкоска одговори дека и те како имало жени кои исто така биле измачувани, и психички и физички.

На прашањето кој бил креаторот на ова страшно место, иако Тито велел дека тој не знаел за него, професорката Ачкоска со сигурност потврди дека тој знаел и тоа многу добро, затоа што тој го создал системот.

Читања од актерот Крсте Јовановски

Во текот на промоцијата, делови од книгата читаше актерот Крсте Јовановски, додавајќи емотивна димензија на сведоштвата за страдањата на Голи Оток.

error: Содржината е заштитена од копирање !!