Собранието изгласа младински додаток од 3.000 денари за млади до 23 години вработени во производство
18/05/2026 18:15
Собранието на денешната 102. седница донесе неколку законски решенија, меѓу кои и Законот за младински додаток.
Со новото решение, младите лица до 23 години кои се вработени во производните дејности ќе добиваат младински додаток во износ од 3.000 денари.
Пратениците ја поддржаа и измената на Законот за индустриски-зелени зони. Со овие измени се врши усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Како што беше образложено, се менуваат одредени термини од постојниот закон, согласно новите законски решенија.
На седницата беше донесена и одлука за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
Собранието донесе и повеќе заклучоци со кои констатира дека нема оправданост и потреба за автентично толкување на одредби од неколку закони.
Меѓу нив се барања што се однесуваат на Законот за данокот на личен доход, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, како и одредби од Законот за државните службеници и Законот за административните службеници.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, информираше дека седницата ќе продолжи утре во 12 часот.






