ЗНАМ објави документи од Бугарија и го повика Филипче да одговори за фирма во Петрич
18/05/2026 16:26
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денеска на прес-конференција објави документи од Трговскиот регистар на Република Бугарија и упати обвинувања кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Од партијата тврдат дека документите покажуваат оти Филипче е наведен како единствен сопственик на капиталот и управител на компанијата „ПАУЪР АЙ8 ЕООД“, со седиште во Петрич, на улицата „Гоце Делчев“ број 12.
ЗНАМ посочува дека на истата адреса во Петрич е регистрирана и компанијата „ГОМАСИДРА ЕООД“, за која тврдат дека е во сопственост на Вице Заев.
ЗНАМ бара одговори од Филипче
Од ЗНАМ јавно побараа лидерот на СДСМ да одговори на неколку прашања поврзани со фирмата во Бугарија.
Партијата прашува дали е точно дека Филипче е сопственик на оваа компанија во Петрич, со каква дејност се занимава и колкав капитал и имот поседува во соседната држава.
Воедно, од ЗНАМ отвораат и политичко прашање. Тие бараат одговор дали овие бизнис интереси се поврзани со неговите ставови за уставните измени.
Обвинувања за судир меѓу бизнис и политика
Од партијата велат дека јавноста има право да знае дали ставовите на Филипче кон Бугарија се условени, ублажени или компромитирани поради лични и деловни интереси.
„Македонија не смее да биде заложник на ничии лични и бизнис интереси“, порачаа од ЗНАМ.
Во реакцијата додаваат и дека молкот не е одговор, туку признание. Поради тоа, го повикаа Филипче, како што велат, да собере храброст и да се соочи со јавноста.
ЗНАМ бара лидерот на СДСМ јавно да објасни дали неговите политички ставови се резултат на лични убедувања или, како што тврдат од партијата, се во интерес на неговите бизнис релации.






