MKinformer

your daily dose of news

Путин во Пекинг по посетата на Трамп: Во фокусот стратешкото партнерство со Кина

19/05/2026 7:43

Рускиот претседател Владимир Путин ја почнува дводневната посета на Кина, каде што ќе има средба со кинескиот лидер Си Џинпинг.

Во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните односи, стратешката соработка и актуелните меѓународни прашања.

Од Кремљ соопштија дека Путин во Пекинг ќе пристигне со широка делегација. Во неа се министри, високи функционери и претставници на големи руски компании. Меѓу нив се и шефицата на руската централна банка Елвира Набиулина, како и раководители на „Газпром“ и „Роснефт“.

Москва сè повеќе се потпира на Пекинг

Посетата доаѓа во период кога Русија сè повеќе се потпира на Кина како клучен економски и трговски партнер.

По западните санкции воведени поради војната во Украина, руските компании и олигарси се соочија со ограничен пристап до западните пазари. Тоа дополнително ја зголеми зависноста од Пекинг.

По Трамп, во Кина доаѓа и Путин

Патувањето на Путин следува само неколку дена по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина.

Иако се очекува Си Џинпинг да го информира Путин за разговорите со Трамп, од Кремљ нагласуваат дека посетата на рускиот претседател била планирана однапред и не е директен одговор на американската дипломатска офанзива.

Во игра и околу 40 документи

Разговорите меѓу Путин и Си ќе се одржат в среда. Според најавите, тие ќе бидат посветени на развојот на, како што го нарекуваат двете страни, привилегираното стратешко партнерство.

Кремљ најави дека по средбата ќе биде потпишана заедничка декларација, како и повеќе билатерални договори.

Советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков изјави дека вкупно би можеле да бидат потпишани околу 40 документи. Тие ќе се однесуваат на индустријата, трговијата, транспортот и градежништвото.

Меѓу нив, според Ушаков, ќе има и документ за градење мултиполарен светски поредок и нов вид меѓународни односи.

Зад затворени врати и за Иран и Украина

Покрај официјалниот дел, планирана е и понеформална средба меѓу двајцата лидери.

Во рамки на таа средба е предвидена и чајна церемонија зад затворени врати. Според најавите, токму таму би можело да се разговара и за војните и кризите во Иран и Украина.

Посетата на Путин на Кина така добива и поширока геополитичка тежина, бидејќи доаѓа во момент кога Пекинг во краток период беше домаќин и на американскиот и на рускиот претседател.

error: Содржината е заштитена од копирање !!