Албанскиот амбасадор во Скопје би можел предвреме да замине, засега без официјална потврда
20/05/2026 7:48
Амбасадорот на Албанија во С. Македонија, Денјон Меидани, би можел предвреме да ја заврши дипломатската мисија во Скопје, објави албанската телевизија A2 CNN, повикувајќи се на извори од Скопје и од албанското Министерство за надворешни работи. Засега нема официјална потврда од Тирана или од институциите во Скопје.
Според објавените информации, можните причини за ваков потег се поврзуваат со незадоволство во релациите меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ поради ставовите на Меидани за правата на Албанците во земјава, особено околу употребата на албанскиот јазик. Во фокусот е и неговата јавна поддршка за албанските студенти, кои бараат правосудниот испит да се полага и на албански јазик.
Во дел од шпекулациите се наведува дека Меидани би можел да биде испратен во Косово, додека како можен нов амбасадор во С. Македонија се споменува Петрит Малај. Но, овие информации сè уште не се потврдени од албанското МНР.
Темата се отвора во време на засилени политички и етнички тензии, поврзани со барањата за поширока употреба на албанскиот јазик во правосудниот систем. Протестите на албанските студенти добија внимание и надвор од земјата, а Меидани јавно оцени дека правото на мајчин јазик е гарантирано и треба да се применува во пракса.
На социјалните мрежи веќе има поделени реакции. Дел албански новинари му даваат јавна поддршка на амбасадорот, додека други коментари го обвинуваат за пристрасност и недипломатски настап. Во меѓувреме, во домашната јавност се отвори и поширока дебата за тоа дали ваквите чувствителни прашања треба да се решаваат политички или преку примена на меѓународни стандарди.
Во таа насока, професорката Мирјана Најчевска повика Македонија конечно да ја ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици, оценувајќи дека токму преку таков чекор може да се спречат идни манипулации и политички тензии околу јазичните права.






