MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски бара решение, ВЛЕН тврди: Правосудниот испит ќе се полага на албански јазик

18/05/2026 17:01

Неколку часа пред студентскиот протест, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со ко-претседателите на ВЛЕН, Изет Меџити и Биљал Касами.

Во фокусот на средбата било барањето на студентите Албанци правосудниот испит да се полага и на албански јазик.

Од Владата соопштија дека на состанокот се разговарало за изнаоѓање решение. Според нив, институциите работат на модел што ќе биде целосно во согласност со Уставот и со Законот за употреба на јазиците.

„Мицкоски, Меџити и Касами се согласија дека образованието и знаењето претставуваат темел на секоја модерна и успешна држава. Затоа, институциите активно работат на изнаоѓање решенија кои ќе бидат целосно во согласност со Уставот и Законот за употреба на јазиците“, соопштија од Владата.

Додека Мицкоски зборува за решение, од ВЛЕН излегоа со поцврста порака. Од партијата тврдат дека правосудниот испит ќе се полага на албански јазик.

„За разлика од претходната власт, која повеќе од две децении го остави ова прашање нерешено и го користеше само за политичка пропаганда, ВЛЕН дејствува со одговорност и институционална сериозност за да ги гарантира правата на Албанците во пракса“, велат од ВЛЕН.

Од таму додаваат дека прашањата на Албанците не се решаваат со празни изјави, туку со конкретна институционална работа и одржливи решенија.

Во меѓувреме, од ДУИ велат дека протестот за албанскиот јазик е граѓанска, а не партиска кауза. Според нив, проблемот не е само правосудниот испит, туку и поширокото, како што велат, непочитување на албанскиот јазик и правата на Албанците.

И другите албански опозициски партии оценуваат дека непочитувањето на албанскиот јазик претставува кршење на основниот принцип на Охридскиот рамковен договор.

Прашањето за правосудниот испит така прераснува во нова политичка тема, во која Владата зборува за изнаоѓање решение, а ВЛЕН веќе најавува конкретен исход.

error: Содржината е заштитена од копирање !!