MKinformer

your daily dose of news

Како Турција реши и згрижи 81 отсто од животните скитници?

23/05/2026 18:23

Турските власти соопштија дека 81 отсто од животните скитници во земјата веќе се згрижени, а паралелно претставија и нова мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат повредени и напуштени животни.

Информацијата ја објави генералниот директор за заштита на природата и националните паркови при турското Министерство за земјоделство и шумарство, Кадир Чифчи, за време на презентацијата на новиот систем за итни пријави.

Според него, од вкупниот број бездомни животни во Турција, 81 отсто веќе се сместени во прифатилишта низ сите 81 округ во државата. Околу 19 проценти, како што посочи, сè уште се надвор од центрите за згрижување.

„Вкупно 81 отсто од животните скитници се згрижени во сите 81 округ на Турција. Од нив, 19 отсто остануваат вон прифатилиштата. Нивното згрижување е важно и за безбедноста на граѓаните и за здравјето на самите животни“, изјави Чифчи.

Тој додаде дека животните ќе бидат сместувани во модерни прифатилишта, додека преку новата апликација граѓаните ќе можат лесно да испраќаат фотографии и информации за повредени или напуштени животни што се движат по улиците.

Турските власти веќе подолг период спроведуваат широка акција за отстранување на кучињата скитници од улиците. Законот со кој се предвидува милиони бездомни кучиња да бидат префрлени во прифатилишта беше усвоен претходно, а процесот започна пред речиси две години.

Особено внимание предизвикува ситуацијата во Истанбул, каде градските власти наложија сите животни скитници да бидат сместени во прифатилишта најдоцна до крајот на мај 2026 година.

Според официјалните проценки на турското Министерство за земјоделство и шумарство, во земјата има околу четири милиони кучиња скитници. Сепак, Здружението на ветеринари тврди дека вистинската бројка е значително поголема и може да надмине осум милиони животни.

Темата со бездомните животни во Турција со години предизвикува силни дебати меѓу властите, здруженијата за заштита на животни и граѓаните, особено поради безбедносните ризици, условите во прифатилиштата и третманот на животните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!