MKinformer

your daily dose of news

Невреме остави штети во Куманово и околината

21/07/2026 10:19

Невремето остави штети во Кумановско: Пожари, паднати дрвја и прекини на струја

Силно невреме со пороен дожд, грмежи, ветер и град предизвика низа проблеми во Куманово, Старо Нагоричане и Липково. Граѓаните пријавувале прекини во снабдувањето со електрична енергија, паднати дрвја и бандери, оштетени објекти, како и пожари предизвикани од невремето.

Според информациите од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Куманово, невремето го зафатило регионот околу 17:30 часот, по што на единствениот број за итни случаи 112 пристигнале повеќе пријави за последици од силниот ветер и дождот.

Меѓу пријавените случаи биле оштетени електрични инсталации, искрење и скинати кабли, паднати дрвја и бандери, како и паднат лимен покрив од зграда на улицата „Лесковачка“ во Куманово.

Пожари во повеќе населени места

Кумановската противпожарна единица имала повеќе интервенции по невремето. Пожарникарите гаснеле опожарена куќа во селото Челопек, пожар на житни површини во Руѓинце, како и пожар на улицата „Индустриска“ во Куманово.

Екипите интервенирале и поради последици од силниот ветер, при што отстраниле паднато дрво кое паднало врз возило на булеварот „Октомвриска револуција“.

Голема акција за гаснење кај Старо Нагоричане

Најсериозна била состојбата во атарот на селата Степанце и Добрача, каде пожар зафатил сува трева и нискостеблеста шума.

Територијалната противпожарна единица од Старо Нагоричане интервенирала со три противпожарни возила и 12 пожарникари, а во гаснењето се вклучиле и вработени од Шумското стопанство Куманово, полицијата, пожарникари од Ранковце и два авиона за гаснење пожари.

Пожарот бил ставен под контрола по врнежите од дожд, кои помогнале во неговото локализирање.

Ветерот предизвикал проблеми со електричната мрежа

Во Старо Нагоричане, силниот ветер предизвикал спојување на електрични жици, што довело до појава на пожари во селата Канарево, Пузајка, Руѓинце, Жегљане и Челопек.

Последици од невремето биле регистрирани и во Општина Липково, каде жителите исто така пријавиле прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Надлежните екипи продолжуваат со активности за отстранување на последиците и нормализирање на состојбата на погодените подрачја.

error: Содржината е заштитена од копирање !!