Цивилен брод погоден во Црното Море
20/07/2026 8:34
Најмалку петмина загинаа по руски напад врз товарен брод кај Одеса
Осум членови на екипажот се спасени, а потрагата по уште петмина продолжува по нападот во Црното Море
Најмалку пет членови на екипажот загинаа, осуммина се спасени, а по уште пет лица сè уште се трага, откако руски сили погодија меѓународен товарен брод во Црното Море, во близина на украинското пристаниште Одеса.
Според украинските власти, бродот пловел под знамето на Гвинеја-Бисао и го напуштил пристаништето натоварен со пченка. На него се наоѓале 17 морнари од Индија и Сирија, како и еден украински државјанин.
Москва засега не се огласи во врска со нападот.
Цивилен брод со меѓународен екипаж
Украинскиот премиер Сергеј Корецки соопшти дека станува збор за цивилен товарен брод кој превезувал жито, а нападот се случил непосредно по неговото испловување од Одеса.
Во меѓувреме, вршителот на должноста министер за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, оцени дека нападот претставува удар врз меѓународниот поморски сообраќај и глобалната безбедност на храната.
„Тоа е цивилен брод, меѓународен екипаж и рута важна за глобалната безбедност на храната. Путин повторно избра цел“, напиша Сибиха на социјалната мрежа X.
While the world is still responding to Russia’s brutal overnight attack on Kyiv, Moscow continues its campaign of terror throughout the day.
Russia has now struck a civilian vessel navigating Ukraine’s maritime corridor. The crew included citizens of Syria and India. A Ukrainian… pic.twitter.com/pbzuRtI2yI
— Andrii Sybiha 🇺🇦 (@andrii_sybiha) July 19, 2026
Засилени напади врз украинските пристаништа
Во последните недели руските сили ги интензивираа нападите врз украинските пристаништа на југот на земјата, преку кои се извезуваат жито и други стратешки важни производи.
Само еден ден претходно, едно лице загина во напад врз пристанишната инфраструктура во Одеса, при што беше погоден брод што пловел под знамето на Антигва и Барбуда.
Во петокот, пак, уште три лица ги загубија животите во руски напади врз Одеса и Николаев, што дополнително ја нагласува ескалацијата на нападите во јужниот дел на Украина.






