MKinformer

your daily dose of news

Муамет Хоџа ја презеде функцијата министер за животна средина, најави засилен надзор и усогласување со ЕУ

25/12/2025 17:15

Муамет Хоџа официјално ја презеде функцијата министер за животна средина и просторно планирање, со што ги презема надлежностите за управување со ресорот задолжен за заштита на животната средина, одржливиот развој и просторното планирање во државата.

На својот прв работен ден, министерот Хоџа одржа работна средба со заменик-министерката Ане Лашкоска, како и со раководниот тим на Министерството, при што беше запознаен со тековните активности, активните проекти и клучните проблеми со кои се соочува институцијата.

Хоџа најави дека неговите приоритети ќе бидат доследно спроведување на законите, значително зајакнување на инспекцискиот надзор, како и транспарентна и отворена комуникација со јавноста. Посебен акцент, како што истакна, ќе биде ставен на целосното усогласување со Европскиот зелен договор и обврските што произлегуваат од процесот на европска интеграција.

Новиот министер потенцираше дека во креирањето и спроведувањето на политиките ќе бидат активно вклучени граѓанските организации, научната и академската заедница, локалните самоуправи, како и сите релевантни чинители, со цел да се изнајдат одржливи и долгорочни решенија за еколошките предизвици во земјата.

Муамет Хоџа доаѓа на оваа позиција на местото на Изет Меџити, кој изминатите 18 месеци ја извршуваше функцијата министер за животна средина и просторно планирање, како и прв вицепремиер.

error: Содржината е заштитена од копирање !!