Нови детали за трагедијата во Богданци: Жртвите се Билјана (17) и Виктор (21), тој имал забрана да ѝ се приближува
04/11/2026 21:59
Трагедијата во Богданци доби нова димензија откако Обвинителството потврди дека првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, а против починатиот 21-годишник претходно имало пријава за загрозување на сигурноста на 17-годишната девојка.
МВР претходно потврди дека двајцата биле во љубовна врска и дека на 30 септември девојката го пријавила 21-годишникот за физички напад и закани. На 14 октомври против него била поднесена и кривична пријава за „телесна повреда“.
Имал мерки за заштита од семејно насилство
Обвинителството потврди дека на 16 октомври била поднесена уште една пријава, овојпат за загрозување на сигурноста, по која веднаш започнало постапување.
Во меѓувреме, во одделна граѓанска постапка на 21-годишникот му биле определени мерки за заштита од семејно насилство. Според информациите објавени од повеќе медиуми, меѓу нив била и забрана да ѝ се приближува и да ја вознемирува девојката, а мерките сè уште биле во сила кога се случила трагедијата.
Обезбедени снимки од видеонадзор
Јавен обвинител од ОЈО Гевгелија извршил увид и издал повеќе наредби за обезбедување докази.
Наредена е обдукција на телата, а обезбедени се и снимки од видеонадзор кои треба да помогнат во утврдувањето на точниот тек на настаните.
Од Обвинителството нагласуваат дека иако првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, случајот допрва треба целосно да биде испитан.
Истрагата треба да утврди што точно се случило непосредно пред трагедијата во Богданци, како настапила смртта на двете лица и дали претходно изречените мерки биле прекршени.


![Насилник од Тетово ѝ се заканувал на сопругата и ќерката semejno-nasilstvo[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/semejno-nasilstvo1.jpg)


