MKinformer

your daily dose of news

КAРАКАЧАНОВ: ИМА ТЕОРЕТСКА, НО НЕ И РЕАЛНА ШАНСА ЗА МАКЕДОНИЈА

19/11/2020 21:42

Продолжува дипломатската офанзива на Македонија и покрај постојаните критики и повторување на ставот дека Бугарија нема да попушти доколку нашата земја не ги исполни барањата, а кои, како што е познато задираат во идентитетските прашања.

Министерот Османи на видео средбата со групата европратеници „Пријатели на Северна Македонија“ истакнал дека е уверен за идната плодна соработка меѓу нашата земја и Европскиот парламент на патот кон почнување и водење на пристапните преговори и целосно интегрирање на нашата земја во европското општество.

„Северна Македонија ќе продолжи со сите напори да бара разумни решенија за надминување на било какви разлики со Бугарија и останува посветена на реформскиот процес и сите останати сегменти кои се дел од нашите евроинтегративни приоритети. Притоа, ние се уште сметаме дека постојат пристојни шанси, доколку го искористиме продуктивно периодот пред нас, да се одржи првата Меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство“, истакна Бујар Османи.

Во истовреме и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во воведното излагање на он-лајн конференцијата Земјите од Западен Балкан и нивниот пат кон ЕУ јасно порачал дека јазикот не може да биде пречка за пријателство.

„Нема да престанеме со напорите. Остануваме посветени да најдеме излез, но само во рамките на тоа што е можно. Ние сме целосно посветени на обврските што произлегуваат од Договорот за добрососедство, но не можеме да зборуваме или да преговараме за јазикот или идентитетот. Јазикот не може да биде пречка за пријателство ако тоа пријателство се заснова на заемна почит и ние ќе продолжиме да ги убедуваме нашите соседи во Софија дека тоа е така“, посочи Никола Димитров.

Но наспроти ваквите пораки, од Софија повторно со став дека за Македонија мали се шансите да ги почне преговорите.

„Како што се вели , натпреварот заврши тој ден. Оттука натаму постои теоретска можност до крајот на годината ако Македонија е подготвена да биде ставена повторно на дневниот ред. Но тоа е теоретски, на крајот на краиштата нема еден месец до крајот на претседателството на Германија. Значи теоретски е можно но реално тоа не може да се случи“, вели Красимир Каракачанов.

Поранешниот бугарски министер за надворешни работи и поранешен европратеник Ивајло Калфин, во интервју за бугарски портал вели дека Бугарија многу брзо треба да ги изгради односите со Северна Македонија врз нова основа, а додава дека Софија не требала да ја блокира земјава во процесот на преговорите со Европската унија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!