MKinformer

your daily dose of news

Бран апсења во Србија по изборите: Над 90 лица приведени за две недели, меѓу нив полициски началници и функционери

10/11/2026 17:32

Апсења во Србија следуваат едно по друго по парламентарните избори од 25 октомври. За само две недели, според податоците објавени од српското Министерство за внатрешни работи, поради различни кривични дела биле уапсени повеќе од 90 лица.

Меѓу приведените има високи полициски функционери, јавни службеници, директори и бизнисмени.

Уапсени луѓе од врвот на полицијата

Меѓу најзвучните имиња се началникот на Управата за криминалистичка полиција Марко Кричак и началникот на Службата за сузбивање криминал Бошко Секуловиќ.

Тие беа уапсени на 1 ноември под сомнение за злоупотреба на службената положба, а подоцна им беше одреден притвор до 30 дена.

Меѓу приведените е и командантот на Специјалната антитерористичка единица Игор Жмириќ, како и уште 17 полициски службеници осомничени за различни кривични дела.

На списокот и сопственикот на „Алта банка“

Меѓу лицата опфатени со полициските акции е и сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура.

Приведени се и покраинскиот секретар за социјална политика Предраг Вулетиќ, директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод Југослав Николиќ, управникот на затворот Забела Родољуб Рончевиќ и претседателот на Општина Инѓија Марко Гашиќ.

Професор Илиќ: Се чувствува деполитизација

Професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, за РТС оцени дека последните настани покажуваат дека во институциите почнува да се чувствува деполитизација.

Според него, до неодамна било тешко замисливо врховниот обвинител јавно да се огласи, а обвинителството самостојно да ги процесуира предметите.

Илиќ, сепак, предупреди дека самото апсење не значи и вина и дека мора да се почитува презумпцијата на невиност.

„Прашањето е каде беа институциите досега“

Професорот потсети дека судовите и обвинителствата и претходно ги имале истите законски овластувања.

Според него, суштинското прашање било дали предметите ќе се процесуираат или ќе останат „во фиока“.

Тој оцени и дека дел од кадрите во полицијата и обвинителството сега ја користат политичката промена за повторно да дојдат до израз, но додаде дека допрва треба да се види дали актуелните процеси ќе прераснат во трајна промена на функционирањето на институциите.

Новиот бран апсења во Србија доаѓа во чувствителен постизборен период, пред формирањето на новата влада, а истрагите против приведените лица продолжуваат.

error: Содржината е заштитена од копирање !!