Од 15 ноември задолжителна зимска опрема во автомобилите: Не тргнувајте на пат без овие работи
10/11/2026 18:08
Зимска опрема во автомобилите станува задолжителна од 15 ноември и обврската ќе важи до 15 март 2027 година, информира Министерството за внатрешни работи.
За патничките возила до 3.500 килограми не е задолжително единствено користење зимски гуми. Законот дозволува и летни пневматици, но тие мора да имаат шара од најмалку 4 милиметри, а во возилото задолжително треба да има соодветни синџири за снег или други пропишани помагала.
Што е потребно за патничките возила?
За возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, зимската опрема може да биде:
- зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри;
- летни пневматици на сите четири тркала со најмалку 4 милиметри шара, доколку во возилото има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Посебни правила за возилата 4×4
Кај возилата со погон на четири тркала, зимските пневматици треба да имаат минимална длабочина на шарата од 6 милиметри.
Дозволени се и летни пневматици со најмалку 4 милиметри шара, но возилото мора да има синџири.
Кај постојан погон на сите четири тркала, синџири треба да има најмалку за задната осовина. Кај преклоплив погон, потребни се најмалку за постојано вклучената осовина.
Правила и за возилата над 3.500 килограми
За потешките моторни возила се предвидени зимски пневматици на погонските тркала со најмалку 6 милиметри шара.
Алтернатива се летни пневматици со најмалку 4 милиметри шара и соодветни синџири за погонските тркала.
Автобусите и товарните возила кои од технички причини не можат да постават синџири треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и лопата како прирачен алат.
Како се препознава зимска гума?
МВР потсетува дека зимски пневматици се оние што на страничниот дел имаат ознака MS, M+S или M & S, како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Употребата на пневматици со клинци е забранета.
Казна ако нема зимска опрема
За возачите кои нема да ја поседуваат пропишаната зимска опрема е предвидена глоба од 45 евра во денарска противвредност, според информациите објавени во пресрет на почетокот на сезонската обврска.
Обврската важи во периодот од 15 ноември до 15 март, независно од тоа дали во моментот има снег на патиштата.
Од МВР апелираат возачите навреме да обезбедат зимска опрема во автомобилите, со цел побезбедно и непречено одвивање на сообраќајот во зимски услови.



