MKinformer

your daily dose of news

ССМ E ИЗНЕНАДЕН ОД ПОСЛЕДНАТА ОДЛУКА НА ВЛАДАТА: БАРАМЕ 100 – ПРОЦЕНТНО ПОКРИВАЊЕ НА БОЛЕДУВАЊАТА ОД КОВИД19

19/11/2020 20:45

Сојузот на синдикатите на Македонија е изненаден од последната одлука на Владата, со која боледувањата поради ковид-19 нема да бидат покриени 100 проценти, туку ќе се крати од платата, онака како што налага Законот за работни односи.  Оттаму велат дека тие во изминатиот период преговарале со Владата и постигнале договор за 100-процентно покривање на боледувањето.

На 3 ноември Владата донела заклучок, но според него, покривањето на боледувањата поради болест предизвикана од ковид-19 или поради самоизолација во државниот и во јавниот сектор е задолжително 100 проценти, а во приватниот само се препорачува да биде 100 проценти.

Ваквата одлука предизвика реакции во јавноста – зошто за приватниот сектор да биде само препорака, и како резултат на реакциите, Влада, донесе нов заклучок на 17 ноември, според кој сите боледувања и карантини поради ковид-19 ќе се плаќаат според Општиот колективен договор, односно до 7 дена ќе се покриени со 70 отсто од плата, до 15 дена 80 отсто, над 15 дена 90 отсто. Притоа, за првите 30 дена од боледувањето, работодавачот е тој што ги обезбедува парите, а по еден месец трошокот е на Фондот за здравство.

Кавга меѓу ССМ и „Гласен текстилец“

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, вели дека притисокот на невладините организации направил и во приватниот и во јавниот сектор да се крати од плата за заболување или самоизолација поради ковид-19, наместо да „победи“ притисокот и едните и другите да добијат исти права, односно 100-процентна покриеност на боледувањата и самоизолациите од ковид-19.

– На 3 ноември Владата носи заклучок, според кој за државниот и јавниот сектор 100-процетното покривање на боледувањата е задолжително, а за приватниот е препорака. Сојузот на синдикатите веднаш реагира и бара заклучокот да важи за сите. На 4 ноември вицепремиерот Фатмир Битиќи во интервју изјавува дека одлуката на Владата ќе важи за сите, и за приватниот и за јавниот сектор. Но, потоа Кристина Ампева од  „Гласен текстилец“ и Игор Јадровски од Хелсиншки комитет инсистираат боледувањата и самоизолациите од ковид-19 да не се регулираат со заклучок, току да се прават законски измени и да се оди со колективен договор, по што Министерството за труд и социјална политика излегува со ставот кој всушност значи – штом сакате со колективен договор, нека биде онака како што е регулирано во него за сите болести – вели Димовски.

Од „Гласен текстилец“, пак, велат дека станува збор за недоразбирање, односно дека тие барале вработените од јавниот и од приватниот сектор да бидат еднакво третирани, според ратификуваните конвенции и Уставот како највисок орган.

„Вчера, на еден од тие состаноци кои редовно се одржуваат, од причина непозната за нас, имавме недоразбирање со Сојузот на синдикати на Македонија. Очигледно, недоразбирањето било поради нивната претпоставка дека ние како здружение сме против донесениот заклучок за исплата на боледување и самоизолација во висина од 100 отсто од плата за јавниот сектор. Нашите заложби беа (и сѐ уште се) единствено во насока вработените од приватен сектор да ги уживаат истите права како и вработените од јавниот сектор – и затоа сме против донесување само на „препорака“ за исплата на боледување и самоизолација во висина од 100 отсто во приватниот сектор (наша заложба е дека тоа треба да биде во вид на заклучок или измена на легислативата)“, соопштија од „Гласен текстилец“.

Владата без свое „јас“

Сепак, оној што своеглаво треба да носи одлуки е Владата. Таа за една недела донесе две различни одлуки – една со задолжение за јавен и државен сектор и со препорака за приватен сектор во однос на 100-процентната покриеност на боледувањата и друга според која никому нема да му се исплати 100 проценти плата при боледување и самоизолација  поради ковид-19. Притоа, вицепремиерот Фатмир Битиќи излезе во јавноста со нешто сосема различно и од едната и од другата одука велејќи: „Одлуката за добивање 100 проценти нето-плата важи за сите“.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, по втората одлука на Владата во јавноста излезе со изјава дека е направена корекција на претходната одлука за да има еднаков пристап за сите.

Синдикатот упати и писмо до Министерството за труд и социјална политика, во кое уште еднаш апелира за 100-процентна покриеност на боледувањата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!