MKinformer

your daily dose of news

ССМ: Новите закони го суспендираат колективното договарање и отвораат пат за намалување на платите

21/12/2025 8:56

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) остро реагира дека новите законски решенија „Законот за вработените во јавен сектор и Законот за административните службеници“, практично го суспендираат правото на колективно договарање за платите и го ограничуваат уредувањето на платите преку колективни договори. Според ССМ, ова е спротивно на Уставот, Законот за работни односи и меѓународните трудови стандарди.

Синдикатот посочува на уставната гаранција од член 32, според која правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори. Затоа, ССМ и синдикатите од јавниот сектор во следните денови ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за утврдување повреда на темелните вредности на уставниот поредок, меѓу кои владеење на правото, поделба на власта, социјална правда и солидарност.

ССМ нагласува:
„Правото на колективно договарање и склучување на колективни договори е уставно загарантирано и никој не смее да го одзема или ограничува.“

Дополнително, синдикатите реагираат дека двата закона биле донесени без консултации со нив и без согласност од Економско-социјалниот совет. Првиот чекор е нивно оспорување пред Уставниот суд, а ќе биде побарано и итно мислење од Економско-социјалниот совет со предлог за брзи измени и враќање на избришаните одредби за колективно утврдување на платите.

Доколку институциите не реагираат, синдикатите најавуваат следни чекори, протести и штрајкови.

ССМ потсетува дека минатонеделните измени со кои примената на законите се одложува до јануари 2027 година се доказ дека решенијата биле избрзани и нефункционални, но тоа не го одговара клучното прашање:
Кој има интерес, преку укинување на колективните договори, да ги намали работничките плати?

error: Содржината е заштитена од копирање !!