ЌЕ „ЛЕГНЕ“ ЛИ НА БРАШНОТО ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ?!
06/03/2023 9:51
Единствена непозната во разрешницата на македонската политичка сцена оваа календарска 2023-та година е дали опозицијата предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе гласа за уставните измени, со цел вметнување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, како преземена обврска од т.н „француски“ предлог. Ригидниот став на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, дека партијата ни под разно нема да гласа за уставните измени- Мицкоски го тера во политичка изолација, прво од внатрешниот албански политички фактор: имено, влезот на Алијансата за Албанците во владата е во таа насока и второ кај меѓународната заедница, тој не наидува на поддршка, во тие негови ставови, бидејќи ќе се протолкуваат како блокада на евроинтеграцискиот пат на Македонија.
Пред него има две можности: првата, партијата под некаков изговор на преттекст да прифати гласање за уставните измени, како оправдување за повисоката цел, а тоа е продолжување на европската интеграција на земјата, но ќе биде обвинет од крајнорадикалното гласачко тело на партијата, дека е предавник, односно ќе отиде на страната на „предавниците“, согласно вордингот, кој тој го користи. Доколку го повлече тој политички потег, ризикува гласачкото тело да му се разлее, и да отиде на контото на антизападната политичка партија Левица.Од друга страна пак доколку, опстои на тврдиот став за непопуштање, ризикува да заврши како српскиот радикал Воислав Шешељ, пиров победник на некои идни парламентарни избори, но човек со кого, никоја политичка партија нема да сака, или уште поточно нема да смее да коалицира со него. Односно сам, се навлече во „тесна политичка кожа“, од која тешко може да излезе.
Одговорот на доскорешниот негов опозициски партнер, а сега жесток политички противник, новоизбраниот лидер на Алијансата за Албанците и воедно градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари е дека Мицкоски води политика на изолација на земјата и нејзините европерспективи. Тоа е лакмус тест за таков санитарен кордон на оградување да направат и Алтернатива и БЕСА во иднина, доколку им се укаже можност да прават коалициска влада со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, односно да бидат приморани поради политиката на Мицкоски, да одбијат коалициско пактирање, што значи повторни опозициски денови за најдолговечниот опозициски лидер на ВМРО-ДПМНЕ во последните дваесет и пет години.






