MKinformer

your daily dose of news

Ќе се зголеми ли старосната граница за пензија на 67 години од 2026 година?

03/12/2024 8:18

Ова прашање се отвори во јавноста откако од Фискалниот совет, државна институција чиј основач е Собранието, во својата стратегија за 2025-2029 година доставена до Парламентот цврсто препорачува старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години, почнувајќи од 2026 година.

Според мислењето на на Фискалниот совет буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2.500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив. Кога на ова според нив би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500-1.700 нови пензионери секоја година, придружено и со иселувањето на младите во странство, проблемот велат станува уште покомплексен.

-Фискалната одржливост на Фондот за ПИОМ претставува посебен фискален ризик. Имајќи го предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти“, пишува во мислењето.

Од Владата, пак, која треба да ги земе предвид анализите на Фискалниот совет за макроекономските и фискалните состојби за Буџетот, за Канал 5 велат дека во моментов не се разговара за покачување на старосната граница, ниту се прави проценка за таква состојба. Според владината портпаролка Марија Митева, Владата внимателно ги следи состојбите во пензискиот фонд.

Фискалниот совет беше формиран лани со цел да биде еден вид контролен механизам на властите против високи буџетски дефицити и нивоа на јавен долг. Претседател на ова тело е Глигор Бишев, долгодишен банкар, а членови се и академик Абдулменаф Беџети, како и Марина Трпеска, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ.

error: Содржината е заштитена од копирање !!