Охрид СОС реагира: Државата го игнорира УНЕСКО со изградбата на нов хотел на Горица
31/03/2025 9:08
Иницијативата Охрид СОС реагира на неодамнешниот извештај на Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО, која престојуваше во Охрид во март 2025 година. Во извештајот се истакнува дека, додека мисијата се приближувала кон Охрид, беше забележано ново градилиште на ридот Горица, област која порано беше пошумена. И покрај тоа што изградбата на нови туристички капацитети во оваа зона продолжува, Центарот за светско наследство не бил информиран за изградбата пред да се донесе одлука за неа, што е спротивно на Оперативните насоки на УНЕСКО.
Експертите во извештајот констатираат дека градежните активности во Охрид продолжуваат интензивно, дури и во области каде што урбанизацијата не беше дозволена, како што е случајот со ридот Горица. Мисијата побарала да се достават информации за проектната документација и проценката на влијанието, со цел анализи од страна на советодавните тела на УНЕСКО.
По РММ, во април 2024, Охрид СОС достави подетални информации за хотелскиот комплекс, но во извештајот за напредок од 31. јануари 2025, УНЕСКО не доби никакви информации за постапувањето во однос на Горица, што значи дека државата продолжува да ги игнорира препораките на УНЕСКО.
И покрај упатените апели за запирање на изградбата во близина на Студенчишко Блато и Горица, како и потребата од стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и наследството, локалните власти не ги информираа граѓаните и не постапија согласно обврските кои произлегуваат од Конвенцијата за светско наследство. Наместо зачувување на природното и културно наследство, власта продолжува со изградбата, што ги стави интересите на поединци пред заштитата на едно од најстарите и највредните езера во светот.
Иницијативата Охрид СОС ги повикува сите граѓани да се побунат против оваа несоодветна и нелегална политика која го загрозува природното богатство на Охрид, како и да не дозволат понатамошно уништување на светското наследство заради лични и политички интереси.






