MKinformer

your daily dose of news

Член на обезбедувањето на премиерот Мицкоски доби 30-дневен притвор по обвинение за оддавање службена тајна

01/04/2025 15:29

Полицискиот инспектор од Велес, Ангел Сарамаков, кој беше дел од обезбедувањето на премиерот Мицкоски, доби 30-дневен притвор поради сомнеж за оддавање службена тајна. Сарамаков беше приведен на 30 март 2025 година, откако полицијата го фатила на паркинг во Велес додека му давал на друго лице документи од МВР, кои претставуваат службена тајна. Обвинителството соопшти дека Сарамаков му дозволил на лицето, кое сега има статус на сведок, да сними дел од документите и да добие имотна корист од 50.000 евра.

Сарамаков е обвинет за кривично дело „оддавање службена тајна“, кое го сторил со цел да се објават овие документи на социјалните мрежи и да добие пари за тоа. Обвинителството ги демантираше наводите во јавноста дека тајните биле дадени на криминална група од Грчец и изјави дека нема информации за за кого точно биле наменети документите.

При акцијата, полицијата пронашла ранец во возилото на Сарамаков, во кој биле пронајдени службени материјали од МВР, а понатамошните претреси откриле дополнителни докази.

Од Владата за Канал 5 потврдија дека безбедноста на премиерот Мицкоски не е нарушена, но експертите алармираат дека станува збор за сериозна ситуација, која би можела да го доведе во опасност интегритетот на високите државни функционери и да ја компромитира безбедноста на државните тајни.

Поранешниот полициски началник, Љубомир Ѓурчевски, ја опиша состојбата како „страшна“ и истакна дека МВР треба да спроведе целосна истрага не само за Сарамаков, туку и за сите други лица со пристап до службени и државни тајни.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека се води истрага за „кртови“ внатре во МВР, кои се вмешани во компромитирање на државната безбедност. Овие наводи дојдоа откако беа уапсени двајца пензионирани полицајци, кои исто така оддавале службени тајни на криминални групи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!