MKinformer

your daily dose of news

Одлуката на судијата Ферати „под лупа“: Реакции околу пресудата за возачот Менсур Пајазити

09/04/2025 8:05

Пресудата на судијата Ељведин Ферати, кој го осуди Менсур Пајазити на две години затвор за прегазување на 22-годишната Теодора Ристовска од Тетово, ја покрена јавната дебата за „вредноста на човечкиот живот“ во Македонија. Семејството на Теодора изрази разочарување и обвини дека судот го штити возачот, што предизвика реакции од јавноста, а и политичари.

Претседателот на Влада, Христијан Мицкоски, во јавната изјава побара од Судскиот совет да го испита работењето на судијата Ферати. Тој истакна дека „овде не станува збор за задоволена правда“ и изрази разочарување како родител на две деца. „Ова не е правда, туку потфрлање на системот“, додаде Мицкоски.

Министерот за правда, Игор Филков, изјави дека не може да ја коментира конкретната пресуда, но ја поддржа реакцијата на јавноста, која, како што рече, е важен сигнал за сите. Тој нагласи дека ниската доверба во судството, која е само два процента, не е случајна и дека треба да се работи на подобрување на перцепцијата на граѓаните.

Судскиот совет на Македонија веднаш по реакциите на јавноста побарал да го разгледа случајот. Како што изјавија од Советот, предметот ќе биде детално испитуван и ќе се донесе одлука. Менсур Пајазити има право да поднесе жалба на пресудата, а Основното јавно обвинителство во Тетово сè уште не го примило писменото образложение на пресудата.

Основното јавно обвинителство изјави дека, со оглед на висината на изречената казна, постојат основи за поднесување жалба. Тие додаваат дека конечната одлука ќе зависи од разгледувањето на писменото образложение на пресудата.Судијата Ељведин Ферати, кој ја донесе пресудата, веќе имал контроверзии во минатото. Во 2023 година, Антикорупциската комисија го утврди дека Ферати си ги поправал оценките на тетовскиот универзитет, што предизвика сериозни критики. Сепак, Обвинителството одлучи да не покренува кривична постапка против него, бидејќи не биле исполнети елементите за кривичен прогон.


По несреќата во 2022 година, првото судско рочиште за Пајазити беше закажано во јули 2023 година. По признавањето вина од обвинетиот, тој беше осуден на три години и шест месеци затвор. Меѓутоа, Апелацискиот суд ја намали казната на две години, но Пајазити побара повторно разгледување на пресудата од Врховниот суд, што доведе до укинување на пресудите и враќање на предметот на повторно судење.

Сите овие настани ја отвораат важната дебата за правичноста на судските одлуки и довербата на јавноста во правосудниот систем во Македонија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!