ВМРО-ДПМНЕ ќе има министер за здравство, фаворити Андоновска и Клековски
13/05/2025 20:39
Во јавноста веќе се шпекулира кој ќе го наследи Арбен Таравари, откако стана јасно дека Министерството за здравство ќе премине во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Иако постоеле најави за можни рокади – при што коалицијата ВРЕДИ би го отстапила Министерството за здравство во замена за Министерството за образование – најновите информации укажуваат дека ВРЕДИ нема да добие ниту едно министерско место.
Причината за тоа, според информации, е што со заминувањето на Таравари и неговите пратеници, ВРЕДИ повеќе нема исто политичко влијание како при влезот во коалицијата.
Според извори блиски до ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно токму таа партија ќе го преземе Министерството за здравство. Меѓу потенцијалните кандидати за министер се споменуваат Сашо Клековски, актуелен директор на Фондот за здравство, и Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.
Андоновска е долгогодишен член на партијата, со силна поддршка од т.н. „ѓорчепетровско лоби“, предводено од потпретседателот Владо Мисајловски. Од друга страна, Клековски се смета за успешен и неконтроверзен кадар кој воспоставил ред во Фондот.
Вечерва е закажана седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но сè уште нема потврда дали ќе се дискутира токму за Министерството за здравство. Сепак, се очекува наскоро да се донесе одлука за понатамошната распределба на ресорите во владината коалиција.






