MKinformer

your daily dose of news

МАРТА КОС ВО СКОПЈЕ: СРЕДБА СО ЛИДЕРИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ ВО РЕГИОНОТ

28/06/2025 10:54

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, следната недела ќе допатува во Скопје каде што во понеделник и вторник ќе се сретне со лидерите на земјите од Западен Балкан, информира Европската комисија. Главната цел на средбата е унапредување на економскиот раст во регионот.

На состанокот, покрај македонскиот премиер Христијан Мицкоски, ќе учествуваат и премиерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Разговорите ќе се фокусираат на побрзо спроведување на ЕУ Планот за раст за Западен Балкан – иницијатива што нуди конкретни придобивки за државите што се подготвуваат за членство во Европската Унија.

Ќе се разгледуваат реформи кои се клучни за пристап до европски финансии, како и теми поврзани со заштита на потрошувачите, туризмот и економското интегрирање на регионот во заедничкиот европски пазар.

Европската комисија планира да предложи нови инвестиции во висина од 87,7 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), што, според проценките, може да поттикне речиси 500 милиони евра приватни вложувања во проекти за чиста енергија во регионот.

Како што појаснуваат од ЕК, Планот за раст вреден 6 милијарди евра има за цел да ја зајакне економијата на Западен Балкан и да ги подготви земјите за полноправно членство во ЕУ, преку поддршка за реформи и инвестиции во енергетиката, транспортната мрежа и дигиталната трансформација.

error: Содржината е заштитена од копирање !!