МАРТА КОС: Доколку се спроведат уставни измени, Македонија веднаш ќе почне си отворање на кластерите
01/07/2025 18:52
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, од Скопје порача дека уставните измени се клучниот и единствен предуслов за започнување на преговорите со ЕУ – при тоа потенцирајќи дека идентитетот на Македонија не може да биде доведен во прашање.
Таа нагласи дека од аспект на Европската комисија, ситуацијата е јасна – доколку земјата ги спроведе потребните уставни измени, веднаш ќе биде свикана меѓувладина конференција за отворање на преговарачките кластери.
На новинарско прашање за гаранциите што ЕУ може да ѝ ги даде на Македонија, како и дали усната изјава на бугарскиот премиер Желјазков е доволна уверување дека нема да има билатерализација на процесот, Кос одговори дека најсилна гаранција се конкретните резултати што ќе се постигнат.
„Сите сме свесни дека ова не е лесен процес, но сега е моментот да се искористи можноста за проширување. Неопходен е ангажман од сите страни – и на двете држави и на Европската унија – за да ѝ се овозможи на Македонија што поскоро да ги почне пристапните преговори. Најдобра гаранција за успехот се резултатите,“ изјави Кос.
Таа повтори дека идентитетот не смее да биде предмет на политичко преговарање, и дека токму членството во ЕУ е најдобриот начин за негова заштита. Идентитетот, според неа, е составен дел од традицијата, културата и секојдневието – како манастирите, традиционалните јадења и обичаите.
„Идентитетот не се дефинира преку политички ставови – тој е дел од нашата внатрешност, нашите емоции и односот кон традицијата,“ рече Кос.
На овие изјави реагираше премиерот Христијан Мицкоски, согласувајќи се дека идентитетот се носи длабоко во себе, но предупреди дека е потребна внимателност поради историските отстапки кои биле направени, и очекува можни политички манипулации при составувањето на извештајот во Европскиот парламент.
„Мојот идентитет не е само македонската кујна – тој е и Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, браќата Миладиновци, Даме Груев, Јане Сандански, Илинден… Јас се водам од девизата ‘не ги слушај што зборуваат, гледај што прават’,“ истакна Мицкоски.
Марта Кос најави дека повторно ќе ја посети земјата и дека планира средба со повредените во пожарот во Кочани. Премиерот, пак, повтори дека Македонија е посветена на европскиот пат и вредности, но нема да прифати никакви наметнувања прикриени зад европскиот процес.




