„Крвава Месечина над Балканот: ретка појава што ја обои ноќта“
07/09/2025 21:29
Вечерва жителите на Скопје и пошироко ќе бидат сведоци на редок небесен спектакл – целосно затемнување на Месечината, феномен познат и како „Крвава Месечина“.
Според астрономските извештаи, Месечината ќе изгрее над Скопје во 19:00 часот, а само половина час подоцна ќе започне фазата на целосно затемнување. Таа ќе трае до 20:52 часот, додека последниот контакт со сенката на Земјата ќе биде во 21:56 часот. Полусенката, која едвај се забележува, ќе трае сè до 22:56 часот.
Затемнувањето на Месечината вечерва ќе може да се набљудува со голо око, без потреба од телескопи или специјална опрема. Неговата уникатност лежи во бакарно-црвената боја што Месечината ја добива додека поминува низ сенката на Земјата. Оваа појава се јавува затоа што само црвените зраци од сончевата светлина минуваат низ атмосферата на нашата планета и ја осветлуваат нејзината површина.
Феноменот ќе биде видлив од голем дел од планетата – Индија, Кина, централна Русија, Казахстан и западна Австралија, но не и од Северна и Јужна Америка. Според пресметките, околу 77% од населението на Земјата ќе може да ја набљудува „Крвавата Месечина“.






