Европската комисија на Урсула фон дер Лајен повторно пред гласање за недоверба
18/09/2025 8:03
Нешто повеќе од два месеци по последното гласање за недоверба, Европската комисија повторно ќе се соочи со сличен предлог во Европскиот парламент на почетокот на октомври.
Претседателката на Парламентот, Роберта Мецола, ги информираше пратениците дека гласањето ќе се одржи помеѓу 6 и 9 октомври. Според правилата, предлозите мора да бидат поддржани од најмалку 72 пратеници, што е една десетина од вкупните 720 членови на Европскиот парламент.
Овој пат, иницијативата доаѓа од десничарската група „Патриоти за Европа“ (PfE) и групата Левица, кои во предлогот остро ја критикуваат Урсула фон дер Лајен. Забелешките се однесуваат на политиките за климата и миграцијата, обвинувања за недостаток на транспарентност, како и на новиот царински договор со Доналд Трамп, за кој се тврди дека е „катастрофален“ и закана за европската индустрија.
Германскиот пратеник Мартин Ширдеван, шеф на групата Левица, предупреди дека пактот со САД може да уништи илјадници работни места. Дополнително, во предлогот се наведува дека Комисијата премногу долго молчела за хуманитарната криза во Газа.
И покрај критиките, шансите гласањето за недоверба да успее се минимални. За смена на Комисијата потребно е двотретинско мнозинство и најмалку 361 глас, а доколку сите пратеници гласаат – дури 480. На изборите во ноември минатата година, Комисијата на фон дер Лајен освои 370 од 688 дадени гласови.
Историјата покажува дека ваквите предлози ретко завршуваат успешно. Последниот пат Европската комисија падна во 1999 година, кога тимот на Жак Сантер поднесе оставка поради извештај за измами и непотизам.



