Ристо Пенов: Скопје има визија, потребен му е домаќин и менаџер
20/09/2025 8:42
„Треба да постои желба некој да го уредува градот, не да се блокира и конфронтира. Потребен е компромис,“ вели Ристо Пенов, кандидат за Советот на Град Скопје од редовите на ЛДП, кој заедно со д-р Никола Пановски ја предводи листата на коалицијата „Искуство за успех“ (ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР).
Ристо Пенов е едно од најпознатите имиња во македонската политика и човек со големо искуство во локалната самоуправа. Двапати беше градоначалник на Скопје, двапати пратеник, претседател на ЛДП и министер за локална самоуправа. Сега, по долги години активна политичка работа, повторно е на изборна листа – со цел да помогне Скопје да ја надмине четиригодишната блокада и нефункционалност на градската администрација.
„Скопје има визија, но му треба менаџер“
Во интервју за Независен.мк, Пенов истакнува дека на градот не му недостигаат визии или нови проекти, туку решителност да се довршат започнатите.
„Скопје има визија уште од Кензо Танге. Проблемот е што постојните проекти со години стојат недовршени – мостови, БТР системот, пречистителната станица, Универзална сала. Потребен е домаќин кој ќе има волја и знаење да ги заврши,“ нагласува тој.
„Компромисот не е слабост, туку сила“
Пенов смета дека во политиката блокадите се најлесното решение, но тие го кочат развојот.
„Политиката е уметност на компромис. Јас бев градоначалник во опозиција и успеав да носам одлуки преку разговор и разбирање. Компромисот не е губење на достоинството, туку начин да се постигнат резултати,“ вели тој.
Решенија за проблемите на градот
Тој укажува дека Скопје не е „лош град за живеење“, туку жртва на нефункционалност и неодговорност. Како пример наведува дека голем број објекти не плаќаат данок на имот и дека проблемот може да се реши со подобра организација и теренска работа. Истото важи и за управувањето со отпадот, јавниот превоз и урбанистичкиот хаос.
„Проблемот не е во парите – Скопје има средства. Проблемот е што нема доволно волја и способност тие пари да се насочат во корист на граѓаните,“ вели Пенов.
Коалиција за резултати
Иако за многумина коалицијата со ГРОМ, Интегра и ПЦЕР е изненадување, Пенов објаснува дека таа е резултат на потребата ЛДП да се позиционира како фактор. „Во политиката мора да се прават избори и компромиси. Суштината е да се создаде сила која ќе носи резултати, а не да се остане на маргините,“ истакнува тој.
Повик за одговорност
Со долгогодишно искуство зад себе, Пенов испраќа јасна порака:
„Скопје може да биде многу подобро место за живеење. Не е доволно да се ветува, потребно е да се работи. Граѓаните заслужуваат домаќин кој ќе го стави јавниот интерес пред партиските калкулации.“




