(ВИДЕО) Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски од коалицијата Искуство за успех: Град Скопје сам да произведува пелети за чист воздух и топли домови!
25/09/2025 13:06
Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на Скопје од коалицијата ГРОМ, ЛДП, Интеграи ПЦЕР „Искуство за успех“, претстави конкретна иницијатива за борба против загадувањето на воздухот и поддршка за најранливите граѓани.
Трајановски предлага Паркови и Зеленило да произведува пелети од дрвата и гранките собрани од Градскиот Парк и другите јавни зелени површини, кои потоа би биле распределени на граѓаните со социјални потреби за затоплување на домовите. Според него, оваа мерка ќе овозможи три клучни ефекти: почист воздух, топли домови за најпогодените и поголема социјална праведност.
„Град Скопје и општините веќе години наназад доделуваат субвенции за набавка на печки на пелети, но многу семејства немаат средства да купат сами пелети. Со ова решение ќе го надминеме тој проблем и ќе ги поддржиме оние кои најмногу имаат потреба“, истакнува Трајановски.
Кандидатурата на Трајановски доаѓа по 8 години активно работење во Советот на Град Скопје, каде што реализирал бројни иницијативи и проекти и учествувал на семинари и обуки за развој и унапредување на локалната самоуправа. Тој е познат по размената на искуства со градоначалници од над 30 европски градови и планира да ја примени таа експертиза за решавање на проблемите на Скопје.
Особено значајно е што како носител на листата ќе биде Ристо Пенов, човек кој веќе остави видлив белег во градот. Заедно тие ветуваат модерно, функционално и отворено Скопје, со ефикасен јавен превоз, одржливо управување со отпадот и решавање на реалните проблеми на граѓаните.
„Со конкретни мерки и активна визија за развој, ќе изградиме Скопје какво што заслужуваме – модерен, функционален и жив град за сите нас“, порача Трајановски.





