Студен бран со дожд и снег ја зафати Македонија
03/10/2025 8:56
Под влијание на циклонска активност од северните делови на континентот, Македонија е зафатена од студен бран кој носи врнежи од дожд, снег и значителен пад на температурите – информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Времето денеска е променливо облачно и студено, со повремени врнежи од дожд, а на повисоките места дожд и снег. На планините врнежите преминуваат во снег, при што се очекува формирање на значителна снежна покривка.
Во Скопје времето е облачно и студено со врнежи од дожд, а на повисоките делови од котлината со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер.
Од УХМР најавуваат дека од овој студен бран на повеќе места ќе наврнат над 50 литри на метар квадратен дожд. Со понатамошното навлегување на студен воздух, утре ќе има услови врнежите да преминуваат во снег и во некои од повисоките населени места.
За време на викендот се очекува стабилизирање на временските услови. Утринските температури ќе бидат ниски, додека дневните ќе бидат во благ пораст.





