Јужен ветер и дожд: Температурите денеска до 21 степен
26/03/2026 9:04
Времето денеска во Македонија ќе биде променливо облачно, а кон крајот на денот се очекуваат повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер, кој на одделни места повремено ќе достигнува и над 60 километри на час.
Минималната температура ќе се движи од 0 до 7 степени, додека максималната дневна ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со умерен до засилен ветер од јужен правец. Утринската температура ќе се спушти до 3 степени, а дневната ќе достигне до 20 степени.
Од утре нова промена на времето
Според најавите на УХМР, и утре ќе продолжи да дува умерен до засилен, а на места и повремено силен јужен ветер. Кон крајот на денот, под влијание на циклонска активност, ќе започне период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд.
Во петок на одделни места врнежите ќе бидат пообилни, со над 20 литри на метар квадратен, а ќе има и услови за појава на ретки грмежи.
На некои повисоки места дождот ќе преминува во снег, додека на планините се очекува формирање нова снежна покривка.
Посвежо време за викендот
За време на викендот времето ќе биде променливо облачно и посвежо, со повремени врнежи. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието.




