Во Женева почнуваат преговорите за американскиот мировен план за завршување на војната во Украина
23/11/2025 12:55
Во Женева денеска започнуваат разговори меѓу високи претставници на САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија, посветени на новиот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина.
Новоименуваниот специјален пратеник за промоција на планот, Даниел П. Дрискол, веќе пристигна во Швајцарија, а се очекува да му се придружат и специјалниот пратеник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио.
Украинската делегација ќе ја предводи Андриј Јермак, шефот на кабинетот на претседателот Зеленски. На средбата учествуваат и високи украински безбедносни претставници: секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров, шефот на военото разузнавање Кирил Буданов, началникот на Генералштабот Андриј Гнатов и други функционери.
Трамп претходно изјави дека очекува Украина да го прифати мировниот план до 27 ноември, но вчера нагласи дека документот „не е конечен“ и дека целта на САД е итно запирање на конфликтот.
Планот од 28 точки предвидува Украина да направи сериозни отстапки – да се откаже од дел од територијата, да ја намали армијата и да се повлече од намерата за членство во НАТО. Според предлогот, Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би се повлекла од останатите окупирани подрачја. За возврат, Украина би добила западни безбедносни гаранции и значителен меѓународен фонд за обнова.
Украинските власти со загриженост гледаат на предлогот, предупредувајќи дека ваквите услови ја ставаат земјата во позиција да „го загуби достоинството или голем партнер“.
Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека планот може да биде „добра основа за работа“, но истакна дека конечниот договор зависи од европските држави и НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека Москва го добила планот и го смета за можен почеток на мировен процес. Тој смета дека Киев и западните сили „не ја разбираат реалноста“, потенцирајќи дека руските сили напредуваат.
Лидерите на Нордиско-балтичката осумка (НБ8) вчера објавија заедничко соопштение во кое нагласуваат дека Русија „сè уште не се обврзала на прекин на огнот или на чекори што водат кон мир“.






