Еве како помина средбата помеѓу Путин и Виткоф: Пет часовни преговори за изменетиот мировен план на САД за Украина
03/12/2025 10:44
Разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, траел пет часа и бил оценет како корисен и конструктивен, соопшти советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, пренесуваат руските медиуми. Тој истакна дека дискусијата била доверлива и насочена кон можни опции за завршување на конфликтот во Украина.
Ушаков потврди дека темата на средбата бил изменетиот мировен план на администрацијата на Доналд Трамп, кој бил доработуван по консултации и со украинската страна. Русија најпрво ја добила почетната верзија составена од 27 точки, а подоцна уште четири дополнителни документи.
„Разговаравме за суштината на она што го содржат тие документи… Имавме можност темелно да разговараме за перспективите за долгорочно решение“, изјави Ушаков.
Иако напредок има, компромис за териториите сè уште не е постигнат. Американската страна презентирала свои предлози, но не сите се прифатливи за Москва.
„Не сме поблиску до решавање на кризата, но дефинитивно не сме се оддалечиле од мирот“, додаде Ушаков.
Според него, Путин изразил подготвеност да прифати дел од предлозите во планот, но истовремено упатил критики за други точки. Американската делегација ќе се врати во Вашингтон за да ги пренесе впечатоците на претседателот Трамп, по што се очекува нов круг контакти.
Кога станува збор за можноста за средба меѓу Путин и Трамп, Ушаков оцени дека тоа ќе зависи од конкретен напредок во преговорите:
„Тоа ќе зависи од тоа каков напредок можеме да постигнеме на овој пат“, нагласи тој.
Покрај темата Украина, на средбата било потенцирано дека Русија и САД треба да покажат поголема посветеност во економската соработка. Во руската делегација, заедно со Путин, биле и советниците Кирил Дмитриев и Јуриј Ушаков, додека американскиот тим го сочинувале Виткоф и Џаред Кушнер.
Ова е шеста посета на Виткоф кај Путин во Русија, но прва директна средба со тимот на Трамп по самитот на Алјаска во август, како и првпат Кушнер да учествува во разговори со рускиот претседател.





