Уреднички коментар: Мигрантите, меѓу политичката пресметка и милионскиот шверцерски бизнис
11/12/2025 9:38
Додека власта и опозицијата ја претвораат темата „мигранти“ во дневнополитичка ујдурма, реалноста на терен е многу поцрна од нивните прес-конференции и навредливи реплики. Мигрантите станаа политички камен за пресметка, но уште поважно, сериозен извор на приходи за шверцерските балкански мрежи, кои функционираат со поголема координација од многу државни институции.
Опозицискиот лидер Венко Филипче деновиве излезе со тврдење дека премиерот Мицкоски веќе „се согласил“ на прием на мигранти во замена за финансиски пакет, поврзан со кредитот од шест милијарди евра. „Очигледно е дека постои договор“, рече Филипче, најавувајќи петиција, парламентарна Резолуција и протести ако планот не биде запрен.
Премиерот возврати со ултиматум: Филипче, Фрчкоски и Жерновски да најдат барем еден мигрант кој дошол во Македонија врз основа на договор со Британија. „Ако најдат еден, трајно ја напуштам политиката“, порача Мицкоски, очигледно подготвен да ја претвори целата дебата во политичко шоу.
Но додека политичарите се надвикуваат, бројките зборуваат за вистинскиот проблем и тој нема никаква врска со шпекулациите за британски договори.
Само на јужната граница, граничната полиција во последните години спречи:
-
18.424 обиди за нелегален влез во 2021,
-
24.965 во 2022,
-
12.477 во 2023,
-
4.297 во 2024 година.
Паралелно, расте бројот на шверцувани мигранти кон Србија. Националната комисија регистрирала:
-
96 случаи на шверц во 2023,
-
60 случаи во 2024, со 78 приведени лица, од кои 23 странци.
Министерот Панче Тошковски неодамна изјави дека „99 проценти од мигрантите што минуваат низ граничната зона со Грција го прават тоа со помош на шверцерски мрежи“. А тие мрежи, како што покажуваат последните апсења на лица од Албанија и Авганистан, одамна не се локален проблем, туку меѓународен криминален пазар.
И додека државата се фали со „затворена Балканска рута“, на терен се пронаоѓаат импровизирани кампови, како оној кај Табановце, што сведочи дека рутата е затворена само на хартија. На терен, таа работи добро подмачкана.
Во меѓувреме, политичката расправа за евентуалниот прием на мигранти се води со истата површност како и секоја друга крупна тема во Македонија. Наместо аналитичка, државничка расправа, граѓаните добиваат петиции, закани, ултиматуми и празни драматични изјави.
Вистината е проста:
никој од политичките актери нема реален план ниту за мигрантите, ниту за шверцот, ниту за тоа како Македонија ќе се справи со европските притисоци.
Сè додека темата се третира како алатка за политички поени, а не како сериозен безбедносно-хуманитарен предизвик, државата ќе остане заложник, ѝ на политички игри, ѝ на шверцерски мрежи кои растат под истите тие политички препукувања.
Пишува
Борислав Стоилковиќ






