УЈП испрати даночни решенија до 10.000 граѓани за приходи од странство, најголем отпор во Куманово
26/12/2025 16:34
Околу 10 илјади граѓани добиле даночни решенија од Управа за јавни приходи поради непријавени девизни приливи од странство, што предизвика сериозни реакции кај дел од засегнатите, особено поради висината на побаруваните суми.
Најизразен отпор се јавува во Куманово, град кој со години е препознатлив по голем број жители ангажирани како логистичка поддршка во воени бази во Авганистан и Ирак. Овие граѓани наведуваат дека токму нивните девизни приливи со децении ја поттикнувале локалната економија, а сега се соочуваат со даночни обврски за приходи остварени во последните пет години.
Тие реагираат дека во земјите каде работеле, најчесто врз основа на договори со странски, претежно американски компании, платите биле ослободени од локално оданочување. Според нив, државата сега ги казнува ретроактивно, без претходно да ги информира дека овие приходи треба да се пријавуваат во тековната година.
Од УЈП, пак, потенцираат дека не станува збор за нова мерка, туку за доследна примена на постоечкиот Закон за данок на личен доход, кој предвидува обврска за пријавување на светски доход за сите даночни резиденти. Директорката на УЈП, Елена Петрова, објаснува дека претходните раководства не го спроведувале законот со ист интензитет, а сегашната акција има за цел да ги затвори таканаречените „сиви зони“ во оданочувањето.
Правната рамка, според даночните експерти, ѝ овозможува на државата да побарува данок за период до пет години наназад, што значи дека се опфатени приходите од 2019 година наваму. Тоа, технички, не претставува ретроактивна примена на нов закон, туку задоцнета наплата според важечките прописи.
Од УЈП нагласуваат дека нема да има двојно оданочување доколку граѓаните достават докази дека веќе платиле данок во странство, со оглед дека Македонија има склучено повеќе договори за избегнување на двојно оданочување. Проблемот, според институцијата, се јавува кај оние што работеле во земји или зони со нулта стапка на данок на доход или во специфични воени мисии каде што биле целосно ослободени од локални давачки.
Во такви случаи, според македонското законодавство, тие се обврзани да платат данок од 10 проценти во матичната држава, што за многумина претставува сериозен финансиски удар, бидејќи приходите ги сметале за нето-плата.
Од УЈП уверуваат дека процесот е транспарентен и дека известувањата до граѓаните се повик за појаснување и утврдување на фактичката состојба, со можност за доставување докази и користење на редовни правни лекови. Воедно посочуваат дека само од првите 2.500 случаи се очекува во Буџетот да се слеат околу еден милион евра, што ја покажува финансиската тежина на акцијата.




