MKinformer

your daily dose of news

Се продава ски-центар Маврово! 4,12 милиони евра за 80% од имотот оди на јавно надавање

19/12/2025 22:10

На 24 декември е закажано јавно усно наддавање на кое ќе се продава најголемиот дел од имотите на ски-центарот Маврово. Почетната цена изнесува 4,12 милиони евра и опфаќа повеќе објекти и инфраструктура: хотелите Спорт, Смрча и Лоџ, спортската сала, правото на користење на терените, бачилата, скијалиштето и жичарниците. Единствено хотелот Бистра не е дел од продажбата. Постапката ја води извршителот Николче Диневски од Битола.

Продажбата следи по неуспешната реализација на договорот меѓу Огњан Циговски и Епинал холдинг, со што на наддавање се нуди околу 80 проценти од имотот на Ресорт Маврово.

Во јули МКД.мк објави дека Циговски продал 80% од уделот на австралискиот бизнисмен со македонско потекло Љубе Кутлешоски, сопственик на компанијата „Бесијан холдингс ПТИ ЛТД“ и хотелот „Епинал“ од Битола. Во процесот се споменува и друга австралиска фирма – „Македонија ПТИ ЛТД“.

На 20 мај бил склучен договор за пренос на удел, со кој уделот на Циговски преминал на Епинал холдинг. Според договорот, купувачот требало да ја доплати купопродажната цена во две рати, од кои првата била со рок до 1 јуни. Како обезбедување, новиот содружник го заложил стекнатиот удел. Поради тоа што обврските не биле исполнети на време, се активирала постапка за наплата преку реализација на заложното право.

Во октомври, на прашање од МКД.мк за тоа дали ќе има зимска сезона во Маврово, Кутлешоски кратко одговорил:
„Што ви е гајле дали ќе има скијање во Маврово? Е нема да има!“

Австралиските медиуми претходно објавија дека семејството Кутлешовски работело градежни работи и во неколку наврати имало проблеми со судските власти во Мелбурн. Стефче Кутлешовски и Раман Шакири биле осудени и казнети со 400.000 австралиски долари поради нелегално рушење на стар ирски паб кој бил заштитено културно наследство.

error: Содржината е заштитена од копирање !!