Есад Рахиќ е вработен во Регулаторна комисија за енергетика?
17/03/2026 18:05
Есад Рахиќ е вработен во РКЕ, Регулаторна комисија за енергетика, дознава МК Информер. Името на Есад Рахиќ со години се појавува секогаш кога партијата е блиску до институциите. Од пратеник на СДСМ, во два мандати, од кои вториот го заврши како независен, па повторно назад во партијата и во државните фотелји, благодарение на Заев – политичката биографија на Рахиќ покажува дека, без разлика на турбуленциите, тој секогаш успева да остане близу до моќта.
Функции во институциите
Официјалните биографски податоци покажуваат дека Рахиќ бил пратеник, член на СДСМ, како и дека извршувал раководни функции во јавни претпријатија. Меѓу нив се ЈП „Улици и патишта“ и ЈП „Водовод и канализација“.
Подоцна беше поставен и за в.д. директор на затворот „Шутка“ Скопје, а потоа и за управител на државниот „Нафтовод“, сè до 2024 година.
Високи позиции во СДСМ
Во меѓувреме, Рахиќ беше и висок партиски кадар во СДСМ. Во јавноста беше претставуван како дел од раководството на партијата, член на Централниот одбор, прв човек на градската организација Скопје на СДСМ и организационен секретар.
Токму затоа, неговиот политички пат отсекогаш бил поврзуван со влијанието што го имал во партиските кругови.
Исклучен, па повторно вратен
Но, Рахиќ не останал цело време во СДСМ. Достапните извори потврдуваат дека бил исклучен од партијата, по што во еден период делувал како независен пратеник.
За точната причина за исклучувањето нема јасно и прецизно јавно образложение во лесно достапните архиви. Но, факт е дека подоцна повторно се враќа во СДСМ, и тоа во време кога партијата ја презема Зоран Заев.
По враќањето, Рахиќ повторно почнува да добива значајни позиции во државниот систем.
Во јавноста се споменуваше и ќерката
Дополнителна сенка врз целата приказна фрла и јавната кариера на неговата ќерка Берниса Рахиќ. Нејзиното име беше споменувано во медиумите во контекст на СЈО, каде според објавени извештаи инкасирала високи хонорари од 20.000 евра.
Во јавноста беше отворано и прашањето за нејзиниот професионален напредок. Притоа, постојат и официјални траги дека се појавува во постапки поврзани со Обвинителството, додека во 2025 година е избрана за судија.
Ново сознание на МК Информер
Она што сега отвора нови сомнежи е најновото сознание до кое дојде МК Информер – дека Есад Рахиќ е вработен во РКЕ од неодамна.
МК Информер испрати прашања до Секторот за управување со човечки ресурси во РКЕ. До објавување на овој текст не добивме одговор.
Оттука, се наметнува логичното прашање: дали поранешниот функционер на СДСМ, кој со години добиваше функции во време на таа партија, сега политички се префрлил на другата страна и повторно наплатува близина до власта?






