„Збогум 2025“: „Политико“ со сатиричен осврт, катастрофална година за Европа и нејзините лидери
26/12/2025 16:53
2025 година ќе остане запаметена како една од најтурбулентните и најнеуспешни години за Европа, оценува „Политико“ во својата сатирична колумна посветена на политичарите кои ја одбележаа годината. Според авторите, европскиот континент влегува во нова година со чувство дека зад себе остава „целосна катастрофа“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во текстот е опишана како лидер со популарност споредлива со „непотребна хируршка интервенција“.
„Урсула фон дер Лајен беше популарна како непотребна хируршка операција. Таа преживеа три гласања за недоверба од Европскиот парламент, кој е толку десничарски што е во опасност од колапс“, наведува „Политико“,
Од другата страна на Атлантикот, Доналд Трамп доминирал на политичката сцена „како мечка пуштена меѓу теглите со мед“, оставајќи силно влијание и врз европските процеси, додава магазинот.
Како пример за општата конфузија во Европа, авторите наведуваат дека Германија го замени поранешниот канцелар Олаф Шолц со Фридрих Мерц, политичар кој, и покрај надворешната смиреност, остава впечаток на постојано незадоволство. Во меѓувреме, Италија и Франција, според колумната, „целосно ги разменија улогите“, Италија станала симбол на стабилност, додека Франција западнала во хроничен политички хаос.
Францускиот претседател Емануел Макрон е опишан како пример за политички нарцизам, со чести промени на премиерите кои, според „Политико“
„Францускиот претседател Емануел Макрон го демонстрираше врвот на необузданиот нарцизам, менувајќи ги премиерите толку брзо што тоа стана главната политичка фарса на годината. Неговата неспособност да ги признае сопствените грешки и да обезбеди стабилност ја доведе земјата на работ на хаос“, забележуваат авторите.
Сепак, колумната не е целосно без позитивни тонови. Како редок светол пример се наведува Антонио Коста, кој, според авторите, значително подобро ја извршува функцијата претседател на Европскиот совет од неговиот претходник Шарл Мишел. Со доза на сарказам се додава дека „дури и обвивка за сендвич би била поефикасна“, но и дека и малите успеси во ваква година заслужуваат пофалба.
На крајот, колумнистите со црн хумор заклучуваат дека повеќето Европејци би посакале да бидат на кое било друго место, па дури и „заглавени во вселената“, отколку сведоци на политичките промашувања што ја одбележаа 2025 година.
„Па, благодарам, 2025 година. Целосна катастрофа, а не една година“, се истакнува во статијата.




