Ново задолжување за спортски сали, измени на Кривичниот законик, престанување на важењето на Законот за вонсудско спогодување: 80 седница на Собранието денес
12/01/2026 11:45
Собранието на Република Македонија денеска треба да ја одржи 80. седница, на која пратениците ќе расправаат за повеќе значајни точки од законодавната агенда.
На дневен ред е верификацијата на пратенички мандат, по именувањето на Беким Сали за прв вицепремиер и министер за европски прашања.
Една од клучните точки се и предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик, кои ќе се разгледуваат во прво читање. Како што се наведува во образложението, измените имаат за цел да ги надминат воочените слабости во постојните одредби и да обезбедат усогласување со Решението на Уставен суд од 12 февруари 2025 година.
Пратениците ќе расправаат и за Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за вонсудско спогодување, исто така во прво читање, како и за измените и дополнувањата на Законот за регистар на задолжително социјално осигурување и Законот за системот за проценка на лица со попреченост.
На дневен ред е и Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем од Банка за развој при Советот на Европа, согласно Рамковниот договор за дополнително финансирање на Проектот за изградба на фискултурни сали.
Собранието ќе одлучува и за предложените измени на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи, кои се доставени по скратена постапка.





