MKinformer

your daily dose of news

Видео: Трамп поима нема кој е премиер на Гренланд и што рекол, но тоа не го спречи да му се закани

14/01/2026 10:32

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека островот сака да остане дел од Кралство Данска и јасно порача дека не сака Гренланд да биде под контрола на Вашингтон.

По ваквата изјава, американскиот претседател Доналд Трамп реагираше остро, наведувајќи дека Нилсен ќе има „големи проблеми“ поради својот став.
„Тоа е негов проблем. Не се согласувам со него. Не знам кој е, не знам ништо за него, но ова ќе биде голем проблем за него“, изјави Трамп, одговарајќи на новинарски прашања.

Гренланд формално е дел од Данска, а до 1953 година бил колонија. Од 2009 година островот има висок степен на автономија, со право самостојно да управува со внатрешните работи и да креира сопствени политики.

Од почетокот на својот втор претседателски мандат, Трамп постојано ја повторува тезата дека Гренланд треба да стане дел од САД, повикувајќи се на неговата стратешка важност за американската национална безбедност. Тензиите дополнително се зголемија по американската воена операција во Венецуела на почетокот на јануари.

Во меѓувреме, лидерите на сите пет парламентарни партии на Гренланд излегоа со заедничка изјава во која го осудија притисокот од Вашингтон и јасно се спротивставија на каква било идеја за приклучување кон САД.

Истовремено, земјите-членки на Европска Унија започнаа разговори за можен заеднички одговор доколку американските закани кон Гренланд бидат реализирани.

error: Содржината е заштитена од копирање !!