MKinformer

your daily dose of news

Кралот Фредерик X во тридневна посета на Гренланд по тензиите со Трамп

18/02/2026 13:10

Фредерик X денеска ја започнува тридневната официјална посета на Гренланд, во период кога арктичкиот остров повторно се најде во фокусот на меѓународната јавност.

Посетата започнува во главниот град Нук, каде што данскиот монарх ќе биде пречекан од премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, соопшти прес-службата на палатата, пренесува Франс24.

И покрај сложеното колонијално минато меѓу Данска и Гренланд, данското кралско семејство ужива значителна поддршка меѓу населението на островот.

Турата се реализира по дипломатските тензии предизвикани од изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој побара САД да ја преземат контролата врз Гренланд, наведувајќи безбедносни причини. Неговите ставови предизвикаа реакции во Копенхаген и пошироко во Европа.

Најавувајќи ја посетата кон крајот на јануари, кралот изјави дека е „длабоко солидарен“ со жителите на Гренланд, кои биле вознемирени од изјавите на Трамп. Тој посочи дека и тој и кралицата Мери ги следеле реакциите во јавноста и ја разбираат загриженоста на граѓаните.

Во рамки на агендата, 57-годишниот монарх утре ќе го посети Маниитсок, околу 150 километри северно од Нук, каде што ќе се сретне со локални бизнисмени. Во петок, пак, ќе отпатува во Кангерлусуак, каде што ќе го посети данскиот воен рекреативен центар.

Вашингтон редовно истакнува дека контролата врз Гренланд е од витално значење за безбедноста на САД, обвинувајќи ја Данска дека не вложува доволно во заштитата на овој стратешки регион од влијанијата на Русија и Кина.

Во март 2025 година, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, ја критикуваше Данска за, како што наведе, недоволната ангажираност околу Гренланд.

„Не треба да има сомнеж во мојата љубов кон Гренланд. Моите врски со народот на Гренланд остануваат непоколебливи“, порача кралот Фредерик во ретка јавна изјава.

error: Содржината е заштитена од копирање !!