MKinformer

your daily dose of news

Гренланд не чуствува закана од Русија или Кина, само од нашиот „сојузник“ Америка

17/02/2026 12:54

Американските претензии кон Гренланд не се промениле, иако реториката од Вашингтон во последните недели е значително ублажена и повеќе не се споменува воена интервенција. Ова го потврди данската премиерка Мете Фредериксен на Минхенска безбедносна конференција.

Фредериксен, заедно со премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, истакна дека притисокот врз жителите на најголемиот остров во светот е неприфатлив. На прашањето дали американскиот претседател Доналд Трамп сè уште сака американски суверенитет над Гренланд, Фредериксен одговори: „За жал, мислам дека желбата е иста“.

„Средбата беше конструктивна“

Во Минхен, Фредериксен и Нилсен се сретнале со американскиот државен секретар Марко Рубио. Во објава на социјалната мрежа X, данската премиерка ја оценила средбата како конструктивна, што, според оценките, укажува дека ниту една од страните не отстапува од своите позиции.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен за јавниот сервис DR изјави дека е договорено иднината на Гренланд да се решава дипломатски, без утврден рок за завршување на разговорите.

Тој нагласил дека на американската страна ѝ било јасно ставено до знаење дека секое решение мора да го почитува данскиот суверенитет и правото на самоопределување на Гренланд.

Предупредување од Нилсен

Премиерот на Гренланд, Нилсен, предупреди дека прифаќањето на логиката за преземање територии создава опасен преседан. Според него, тоа би значело отворање врата кон свет во кој големите сили би го делеле влијанието без почитување на малите народи и нивното право на самоопределување.

Тој истакна дека жителите на Гренланд не се чувствувале загрозени од други глобални актери, како на пример Русија или Кина, туку дека несигурноста се појавила кога сојузник извршил притисок врз нивната земја, алудирајќи на Соединтетите Американски Држави.

Прашањето за статусот на Гренланд останува чувствителна геополитичка тема, со јасни ставови од Копенхаген дека суверенитетот и правото на самоопределување не се предмет на отстапување.

error: Содржината е заштитена од копирање !!