АВМУ алармира: Сериозни притисоци и етикетирања на новинари од СДСМ
22/01/2026 22:49
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изрази сериозна загриженост поради, како што наведува, континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми.
Од Агенцијата потсетуваат дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност претставуваат темелни демократски вредности, загарантирани со Уставот и меѓународните стандарди. Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите.
Во реакцијата се нагласува дека јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите.
„Медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации“, порачуваат од АВМУ.
Напротив, медиумите, според Агенцијата, треба да имаат можност непречено, слободно и без притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, исклучиво во интерес на јавноста и демократските процеси во државата.
АВМУ ги повикува сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество.





