MKinformer

your daily dose of news

Скандалозна пресуда ја крена јавноста: Новинарка казнета со 700 евра затоа што објавила име на судија

31/01/2026 15:49

Јавноста и новинарската фела бурно реагираат по пресудата со која судијката Магдалена Мишоска од Основен суд Гостивар ја казни новинарката Лиридона Вајсели со парична казна од околу 700 евра за наводна „злоупотреба на лични податоци“.

Причина за казната е тоа што Вајсели, во новинарско известување, го спомнала името на судијата Назиф Илјази, во контекст на судска пресуда со која биле досудени само три месеци затвор за закани со видеа со порнографска содржина упатени кон малолетно лице. Новинарката веќе поднела жалба до Апелационен суд Гостивар, а истовремено побарала и итна реакција од Судски совет на Република Македонија.

Вајсели бара да се испита и постапувањето на обвинителот кој го поднел казнениот налог, а за случајот ги информирала и странските дипломатски мисии во земјава. Според бројни правници, примената на член 149 од Кривичниот законик „злоупотреба на лични податоци“, во овој случај претставува правен преседан и директен напад врз слободата на медиумите.

Реакциите во јавноста укажуваат дека овој член е наменет за заштита од сериозни упади во приватноста, како злоупотреба на матични броеви и сензитивни податоци, а не за сокривање на идентитетот на носители на јавни функции. Дел од коментарите потсетуваат и на праксата на Европски суд за човекови права, според која функционерите мора да имаат повисок степен на толеранција кон јавниот надзор.

Силна реакција пристигна и од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која изрази сериозна загриженост за пресудата од 12 јануари годинава. Од Агенцијата оценија дека ваквото судско решение испраќа негативна порака за слободата на изразување и создава притисок врз новинарите.

Новинарските здруженија и голем број медиумски работници јавно застанаа во поддршка на Вајсели, оценувајќи дека обидот името и презимето на судија да се третира како „заштитен личен податок“ во контекст на вршење судска функција е правен апсурд и сериозна закана за правото на јавноста да биде информирана.

ЗНМ алармира: Пресуда против Лиридона Вејсели опасен сигнал за слободата на изразување

error: Содржината е заштитена од копирање !!