MKinformer

your daily dose of news

Дел од кривичните дела опфатени со обвинението во предметот „Талир“ против Никола Груевски застареа

22/01/2026 21:29

Судската постапка против поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир“ доби нов пресврт, откако дел од кривичните дела опфатени со обвинението застареа.

Од денеска, Груевски повеќе не се гони за злоупотреба на службената положба поврзана со незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, но обвинението за перење пари останува, потврди јавната обвинителка Ленче Ристоска.

До надлежниот суд е доставено изменето обвинение, поради застареност на т.н. предикатно кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување. Причината се законските рокови и измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година.

Сепак, според важечката законска регулатива и досегашната судска пракса, не постојат правни пречки за продолжување на постапката за перење пари против Груевски и неговиот соучесник Кирил Божиновски.

Паралелно со ова, обвинителката Ристоска информираше дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ и премиерот, поради, како што наведе, партиски соопштенија и јавни изјави кои претставуваат притисок врз обвинителството.

„Ги користам сите институционални механизми што ми стојат на располагање за заштита на независноста на обвинителството“, изјави Ристоска.

Од владејачката партија возвратија дека обвинителката, според нив, „се дискредитира самата себе“, оценувајќи дека тужбите се обид за политичка манипулација. Во реакциите, тие ја опишаа како „рецидив на систем кој вршел политички прогон и создавал жртви“.

Ристоска е главен обвинител во предметите поврзани со незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, кои резултираа со замрзнување на партиски имот. Судирот меѓу неа и актуелната власт трае подолг период и вклучува и институционални спорови, меѓу кои и поништувањето на листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, каде што таа беше предложена.

error: Содржината е заштитена од копирање !!