MKinformer

your daily dose of news

Името на Ленче Ристоска се појави помеѓу кандидатите за државен јавен обвинител

26/01/2026 22:21

Во трката за државен јавен обвинител официјално се вклучи и поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски. Кандидатури доставиле и јавната обвинителка Лидија Раичевиќ, судијата во Кривичниот суд Ненад Савевски, како и актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска.

Денеска своја кандидатура објави и јавната обвинителка Ленче Ристоска, која е носител на предметите „Талир“, во кои се гони владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Ристоска претходно беше и кандидат за судија од Македонија во Европски суд за човекови права во Стразбур, каде што влезе меѓу тројцата финални кандидати, но постапката беше поништена од актуелната власт. Во изминатиот период, таа беше изложена на силен политички и медиумски притисок, како и јавни напади во провладини медиуми.

Обвинителката Ленче Ристоска поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ и премиерот

Ристоска најави и тужба против премиерот Христијан Мицкоски, поради, како што наведува, јавни деградирачки алузии и притисоци врз обвинителството, иако не била директно спомената по име.

Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка во декември, непосредно пред Собранието да дебатира за негово разрешување на предлог на Владата.

Рокот за пријавување кандидатури истекува вечерва на полноќ, а до тогаш во Собранието може да пристигнат и дополнителни кандидатури. По завршување на рокот, Советот на јавни обвинители треба да ги оцени кандидатите и да достави листа до Владата, која ќе го предложи новиот државен јавен обвинител.

error: Содржината е заштитена од копирање !!