Мицкоски ја „елиминираше“ Ленче Ристоска од кандидатите за државен јавен обвинител
20/02/2026 0:08
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во интервју на Канал 5 изјави дека обвинителката Ленче Ристоска е единствената што отпаднала од владината листа на кандидати за нов државен јавен обвинител.
Според Мицкоски, од четворицата кандидати за кои Совет на јавни обвинители дал позитивно мислење, на владината листа сега се наоѓаат три имиња, а меѓу нив не е и поранешната обвинителка од СЈО, Ристоска.
Во изминатите месеци, премиерот јавно ја критикуваше Ристоска, а дел од медиумите блиски до власта водеа интензивна кампања во која таа беше мета на критики. Ристоска е обвинител во предметот „Талир“, кој се однесува на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Советот на јавните обвинители даде позитивно мислење за четворица од петте пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител. Позитивна оценка добија сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски и обвинителката Лидија Раичевиќ.
За кандидатурата на Владимир Панчевски, Советот едногласно одлучи дека не ги исполнува законските услови во однос на потребниот работен стаж.
Процедурата за избор на нов државен јавен обвинител продолжува согласно законските рокови, а конечната одлука ќе ја донесе Собранието.






![Зaпoчнyвa oпepaциjaтa “Cмeнa нa Русковска”, eкc oбвинитeл oд СЈО глaвeн кaндидaт зa нacлeдник vilma-Ruskovska-696x487[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/vilma-Ruskovska-696x4871-1.jpg)