MKinformer

your daily dose of news

ЗНМ одбележа 80 години постоење, доделени годишните новинарски награди

18/02/2026 16:47

Со свечен настан по повод 80 години од своето основање, Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги додели традиционалните годишни новинарски награди, одбележувајќи осум децении посветена работа во заштита на новинарската професија, слободата на изразување и јавниот интерес.

Комисијата за награди оваа година работеше во состав од новинарките Милка Смилевска, Семра Мусаи и новинарот Марјан Николовски, кои ги оценуваа пристигнатите трудови според критериуми за професионалност, јавен интерес, темелност и влијание.

Наградата за животно дело им беше доделена на новинарот Ристо Тасев, за неговиот долгогодишен придонес во македонското новинарство, како и на фоторепортерот Роберт Атанасовски, за исклучителниот придонес во визуелното документирање на современата историја на земјата.

Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ годинава ја добија Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), емисијата „КОД“, новинарски истражувачки магазин на ТВ Телма и новинарката Ирена Мулачка од „Фокус“, за серија стории поврзани со пожарот во Кочани и последиците од трагедијата. Истражувањата отворија прашања за одговорноста на институциите, инспекциските контроли, политичките влијанија и текот на истрагите и судските постапки.

Наградата за известување на теми од локално и регионално значење му беше доделена на новинарот Ардит Рамадани за истражувачки стории објавени на Порталб, со кои се поттикна јавна дебата за управувањето со јавната сопственост на локално ниво.

Комисијата додели и признание на Владо Апостолов од Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН) за придонес во промоцијата на професионалното истражувачко новинарство, за проектите „Систем вон систем: државата слепа за парите на МПЦ-ОА и ИВЗ“ и интерактивниот проект „Верски имоти“.

Признание за теми од локално и регионално значење доби и новинарката Анета Блажевска за серијата текстови објавени во „Независен.мк“, поврзани со постапувањето на директорка на ученички дом во Битола.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во своето обраќање се осврна на развојот на новинарството, од првите броеви на „Нова Македонија“ и „Вечер“, преку Македонското радио и телевизија, до денешните дигитални медиуми. Тој посочи дека современите предизвици вклучуваат економска зависност, СЛАПП тужби, сајбер напади и притисоци што ја поткопуваат слободата на медиумите, нагласувајќи дека ЗНМ ќе продолжи да ги брани професионалните стандарди и јавниот интерес.

Во чест на снимателите и фоторепортерите, на настанот беше поставена изложба на фотографии кои сведочат за нивниот професионализам, храброст и посветеност, визуелна хроника на времето што остава трајна трага во колективната меморија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!