MKinformer

your daily dose of news

Електричните автомобили ја надминаа продажбата на бензинските во ЕУ

31/01/2026 13:48

За првпат во историјата на европскиот автомобилски пазар, електричните возила ја надминаа продажбата на бензинските автомобили на ниво на Европска Унија, соопшти Европска асоцијација на производители на автомобили.

Според податоците на ACEA, во декември 2025 година целосно електричните возила биле најрегистрирани меѓу новите автомобили, сочинувајќи речиси една четвртина од сите новорегистрирани возила во Унијата. Овој резултат, како што наведува Здружението на електрични возила, претставува историски момент за европскиот пазар.

Уште повпечатлив е фактот што возилата со батерии – вклучувајќи ги целосно електричните и хибридните модели – моментално сочинуваат околу две третини од вкупниот пазар на нови автомобили во ЕУ.

„Декември означи јасна пресвртница во насока на електрификација на патниот транспорт во Европа“, оценуваат од Здружението, додавајќи дека електричните возила веќе не се само еколошка алтернатива, туку стандардно решение за личен и професионален транспорт.

Долгорочните трендови во Европската Унија покажуваат континуиран раст на уделот на електричните и хибридните автомобили, паралелно со значителен пад на бензинските и дизел моделите. Овие возила, кои со децении доминираа на пазарот, сè почесто се сведуваат на маргинална категорија во статистиките.

Според авто-аналитичарите, ваквиот развој е резултат на построгите еколошки регулативи, државните субвенции, подобрената инфраструктура за полнење и сè поголемата прифатеност на електричните возила кај потрошувачите. Европа, со тоа, забрзано се движи кон целосна електрификација на патниот транспорт.

error: Содржината е заштитена од копирање !!