MKinformer

your daily dose of news

Од 1 февруари ако го направите овој прекршок полицијата ќе ви го одземе возилото

03/02/2026 16:54

Од 1 февруари 2026 година стапија на сила нови законски измени со кои се воведува една од најстрогите мерки досега во областа на безбедноста во сообраќајот – одземање на моторното возило од лица кои управуваат без стекнато право на возачка дозвола.

Според измените на Кривичен законик, доколку лице управува моторно возило без возачка дозвола и со тоа изврши кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, возилото со кое е сторено делото ќе биде одземено, доколку е во сопственост на сторителот.

Во случаи кога возилото е сопственост на трето лице, истото ќе биде одземено само ако се утврди дека сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето кое управувало немало право да вози.

Новите законски решенија предвидуваат одземање на возилото и при екстремно пречекорување на дозволената брзина – доколку возачот ја надмине брзината за најмалку 70 километри на час во населено место или 90 километри на час надвор од населено место.

Доколку сторителот претходно веќе бил осудуван за вакво кривично дело, одземањето на возилото станува задолжителна мерка.

Мерката важи за сите видови моторни возила, вклучувајќи патнички автомобили, мотоцикли, скутери и други моторизирани превозни средства.

Со овие измени, лицата кои управуваат возило без возачка дозвола повеќе не се соочуваат само со прекршочни казни, туку и со кривична одговорност, што претставува значително заострување на санкциите.

Од Министерство за внатрешни работи порачуваат дека целта на новата мерка е драстично намалување на тешките сообраќајни несреќи, зголемување на дисциплината во сообраќајот и отстранување на најризичните учесници од патиштата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!